Отстранување на ЛИПОМ и АТЕРОМ

Која е разликата меѓу епидермални цисти (атероми) и липоми?

Откривањето израсток на кожата е вознемирувачко искуство, особено ако не знаете што е и од каде потекнува. Полу-топчестите израстоци на кожата најчесто се сметаат за вишок масно ткиво. Не секогаш е така.

Специјалистот дерматовенеролог треба да направи јасна разлика меѓу ЛИПОМ И АТЕРОМ (епидермална циста), затоа што тие имаат комплетно различна природа. Како и да е, и липомот и атеромот се сметаат за бенигни кожни тумори кои може дермато-хируршки да се третираат под локална анестезија. Самата процедура трае само 15-тина минути, а пациентот може веднаш да продолжи со секојдневните активности.

Липом

Липомот е бениген кожен тумор составен од масно ткиво. Тој е еластичен и вообичаено се наоѓа сместен под кожата или мускулите на различни делови од телото. Не е невообичаено за возрасен човек да има и до 20, па и повеќе липоми, а во тој случај состојбата се нарекува липоматоза. Малите липоми не предизвикуваат непријатност, но понекогаш не се прифатливи во смисла на естетика. Ако дијаметарот на липомот надминува 3 cm, може да предизвикува болка или непријатност. Во тој случај, липомот мора да се отстрани со дермато-хируршка процедура.

Атером

Атеромот или епидермалната циста, е бенигна кожна лезија која всушност е предизвикана од затвата лојна жлезда. Во атеромот всушност се содржи секрет од лојната жлезда обвиткан во циста. Конзистенцијата на атеромот се движи од еластична до цврста. Вообичаено може да се открие на главата, вратот и грбот. Оваа кожна лезија може да мирува и повеќе години. Повремено, од цистата може да се цеди бел секрет или лој (сличен на паста), но ова не е трајно решение на проблемот. Атеромот треба дермато-хируршки трајно и на време да се отстрани, затоа што може да се инфицира. Во случај на воспаление, пациентот може да чувствува болка, оток и пулсирање на место од атеромот. Ако атеромот се наоѓа на лицето, може да остави голема лузна. Ако имате атером, не треба да чекате да се воспали или инфицира, туку треба веднаш да закажете преглед од страна на искусен специјалист дермато-хирург. Операција е единствениот начин да се отстрани атеромот во целост – што значи цистата и нејзината содржина заедно со обвивката.