You are currently viewing 20 НАЈЧЕСТИ ДЕРМАТОЛОШКИ ДИЈАГНОЗИ

20 НАЈЧЕСТИ ДЕРМАТОЛОШКИ ДИЈАГНОЗИ

1. Акни

Акни се состојба на кожата која се случува кога фоликулите на влакната се преполнуваат со лој и мртви кожни клетки. Акните се најчести кај тинејџерите, но ги засегаат и луѓето од сите возрасти и животни доба. Примарно ја засега кожата со поголем број лојни жлезди, како што е онаа на лицето, горниот дел од градите и грбот.

2. Розацеа

Розацеа е долготрајна состојба на кожата која вообичаено го засега лицето. Таа се манифестира со црвенило, мозолчиња, оток и проширени површински крвни садови. Најчесто се појавува на носот, образите, челото и брадата. Во потешките случаи може да се појави црвен, зголемен нос.

3. Псоријаза

Псоријаза е долготрајна, не-заразна автоимуна болест која се карактеризира со подигнати делови на абнормална кожа. Овие делови се вообичаено црвени или виолетови кај лицата со потемна кожа, суви, чешаат и се лупат. Псоријазата варира од мали, ограничени делови на кожата па сѐ до зафаќање на целото тело. Евентуална повреда на кожата може да поттикне развој на псоријатични промени на кожата на повреденото место.

4. Себороичен дерматит

Себороичниот дерматит, исто така познат како себореа, е долготрајно кожно заболување. Симтомите се црвена, воспалена кожа која чеша и се лупи. Најчесто се зафатени деловите од кожата богати со лојни жлезди, како што се скалпот, лицето и градите. Првутот е поблага форма на заболувањето без воспаление.

5. Атописки дерматит

Атопискиот дерматит, исто така познат и како атопичен егзем, е долготраен вид на кожно воспаление. Кожата е црвена, отечена, испукана и чеша. Понекогаш од засегнатите области на кожата излегува бистра течност, која се згуснува со тек на времето. Иако може да се случи во која и да било возраст, вообичаено започнува во детска возраст со променлив интензитет во тек на годините. Кај деца под 1 година, може да засегне поголем дел од телото. Како што стареат, најчесто засегнати се областите зад колената и лактите. Кај возрасни, дланките и стапалата се најчесто засегнати области. Чешањето на засегнатите области ги влошува симптомите и претставува ризик за дополнителна кожна инфекција. Многу луѓе со атописки дерматит може да развијат алергиски риносинузит или астма.

6. Контактен дерматит

Се појавува како реакција на алергени (алергиски контактен дерматит) или иританси (иритантен контактен дерматит). Фототоксичниот дерматит се случува кога алергенот или иритансот се активира од страна на сонцето. Дијагнозата на алергиски контактен дерматит често може да се постави преку тестирање со лепенки.

7. Варикозен дерматит / улцерации

Овој дерматит означува промени на кожата кои се случуваат на нозете како резултат на “стаза” односно застој на крвта поради недоволно добра венска циркулација, па затоа понекогаш се нарекува и варикозен дерматит бидејќи најчестата причина се проширените вени.

8. Уртикарија

Уртикаријата е еден вид на кожен осип со поткренати црвени мозолчиња кои чешаат, а понекогаш може и да печат. Често мозолчињата шетаат по кожата. Вообичаено траат неколку дена и не оставаат трајни последици на кожата. Помалку од 5% од случаите имаат уртикарија која трае подолго од 6 недели. Состојбата често се повторува. Уртикарија најчесто се појавува по инфекција или како алергиска реакција на лекови, инсекти или храна. Психолошки состојби на стрес, ниска температура или вибрација исто така може да бидат тригер. Кај половина од случаите причината останува неразјаснета до крај. Ризик фактори се алергиски риносинузит или астма. Дијагнозата вообичаено се поставува со обичен преглед. Тестирањето со лепенки може да биде корисно да се одреди алергијата.

9. Инфекција со дерматофити (дерматофитоза)

Дерматофитозата е габична инфекција на кожата. Вообичаено се манифестира како кружен, црвен осип кој чеша и се лупи. Може да се загубат влакната на инфицираните места. Симптомите започнуваат 4 до 14 дена по инфекцијата и може да бидат засегнати повеќе делови од кожата. Околу 40 габички може да предизвикаат дерматофитоза, од кои најтипични се видовите Trichophyton, Microsporum, или Epidermophyton. Ризик факторите се јавни тушеви, контактни спортови како што е борење, прекумерно потење, контакт со животни, гојазност и ослабнат имунитет. Дијагнозата често се поставува само врз основа на изгледот од кожата и симптомите. Треба да се потврди преку земање миколошки брис и анализа под микроскоп.

10. Tinea versicolor

Tinea versicolor е состојба која се карактеризира со кожен осип на телото и горните екстремитети. Најчесто е предизвикана од еден вид на квасна габичка. Овие квасници нормално се наоѓаат на површината од кожата и стануваат проблематични само под одредени околности, како што топла и влажна средина, иако точниот механизам на болеста сѐ уште не е до крај јасен.

11. Хемангиоми / nevus flammeus

Хемангиомите се вообичаено бенигни тумори на крвните садови. Најчести се детските хемангиоми, познати како “јаготки”, кои вообичаено може да се видат на кожата по раѓање или во првите недели од животот. Хемангиомите може да се појават на кој и да било дел од телото, но најчесто се појавуваат на лицето, скалпот, градите или грбот. Вообичаено растат додека детето да наполни 1 година, а потоа постепено се намалуваат како што детето расте. Хемангиомот понекогаш треба да се третира, особено ако пречи на видот или дишењето, или ако предизвикува долготраен естетски проблем.

Nevus flammeus е промена на бојата од кожата предизвикана од страна на аномалии во крвните садови (капиларни малформации во кожата). Дамката има боја како виното порто

12. Брадавици / кондиломи

Брадавиците вообичаено се мали, нерамни, цврсти израстоци кои имаат иста боја како кожата. Вообичаено немаат други симптоми, освен ако се појават на табаните, кога може да бидат болни. Иако обично се случуваат на дланките и стапалата, може да се појават и на други места. Тие не се малигни и се предизвикани од страна на човечкиот папилома вирус (HPV). Фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на брадавици се користење јавни тушеви, работење со месо, егземи и ослабнат имунитет. Се мисли дека вирусот продира во телото преку лесно оштетена кожа. Гениталните брадавици (кондиломи) се една од сексуално преносливите болести.

13. Molluscum Contagiosum

Molluscum contagiosum понекогаш се нарекува и водена брадавица, вирусна инфекција на кожата која се манифестира со мали подигнати розови петна со вдлабнатина во центарот, поединечни или во групи. Понекогаш може да чешаат или да болат. Може да се појават на кој и да било дел од кожата, иако најчесто се појавуваат на стомакот, нозете, рацете, вратот, гениталиите и лицето. Се губат најдоцна за една година без да остават лузни.

14. Себороична кератоза

Себороичната кератоза е не-канцерозен (бениген) кожен тумор кој потекнува од надворешниот слој на кожата. Себороичната кератоза, како и старечките дамки, почесто се забележува кај луѓе во поодмината возраст.

15. Актинична кератоза

Актиничната кератоза, позната и како соларна кератоза или сенилна кератоза е преканцерозна област на задебелена кожа која има кора или се лупи. Актиничната кератоза е нарушување на епидермалните кератиноцити како последица на изложување на ултравиолетова светлина. Овие израстоци се почести кај луѓе со посветол тен кои поминуваат долго време на сонце, во тек на неколку децении. Ако не се третираат, кај 20% од засегнатите лица може да се развијат во рак на кожата.

16. Меланоцитни бемки

Меланоцитните бемки се еден вид на тумор кој содржи нервни клетки. Најголем дел од бемките се појавуваат во првите 2 децении од животот, при што секое 1 на 100 бебиња се раѓа со бемките. Стекнатите бемки се сметаат за бенигни, додека вродените бемки имаат поголем ризик да прераснат во меланом. Бемката може да биде или под кожата или како пигментиран израсток на кожата.

17. Импетиго, фоликулит, апсцеси

Ова се бактериски инфекции на кожата и / или косата.

18. Инфекции од херпес вируси

Постојат 2 вида на херпес симплекс вирусот, тип 1 (HSV-1) кој најчесто предизвикува инфекции околу устата и тип 2 (HSV-2) кој најчесто предизвикува генитални инфекции.

Херпес зостер настанува поради реактивација на варичела зостер вирусот.

19. Scabies

Scabies е кожна инфестација со паразит чии најчести симптоми се силно чешање и осип во облик на мозолчиња. Повремено, се појавуваат дупчиња на кожата. Кај првата инфекција, лицето развива симптоми за 2-6 недели. При втората инфекција, симптомите може да започнат во рок од 24 часа. Овие симптоми може да се присутни по целата површина од телото или само одредени делови како што се зглобовите, меѓу прстите, или околу појасот. Може да се појават и на главата, но ова е почесто кај мали деца. Чешањето е поинтензивно ноќе и поради гребнатините може да се искомплицира дополнително со бактериска инфекција на кожата.

20. Pityriasis Rosea

Ова е еден вид на осип кој почнува со една кружна црвена област која се подига и лупи. Потоа, за неколку денови или недели, се појавува осип со многу слични, но помали кружни или овални лезии, воглавном на торзото и рацете. Вообичаено трае помалку од 3 месеци и се смирува без третман. Освен блага треска или малаксаност на почеток од осипот, како и чешање, најчесто нема други симптоми.