Загаден воздух и заштитни маски- како влијаат на Вашата кожа?

Доколку во изминатиот период сте забележале големи промени во кожата, како повеќе акни и митисери (црнки), затнати или зголемени пори, премногу сува или масна кожа, иритација или изглед на безживотна кожа, а притоа не сте промениле ништо значително во Вашиот начин на живот, причина е комбинацијата на загадениот воздух и заштитните маски кои ги носиме поради Ковид-19 пандемијата.

Иако овој проблем делува комплициран, постојат бројни начини за одржување на здрава кожа, дури и во услови кога воздухот е загаден, температурите се ниски и при константно носење на заштитна маска. Светски познатите дерматолози за овие проблеми препорачуваат да се направат пилинзи на лицето најмалку еднаш месечно. Пред сѐ, да објасниме неколку важни работи околу порите.

Акните и сличните промени во кожата најчесто се резултат на затнати пори со различни нечистотии и бактерии.

Но, што се пори?

Во кожата постојат мали “џебови”, односно потни жлезди, на средниот слој на кожата (дермисот), кои – очигледно – произведуваат пот. Потта потоа се движи преку мали цевчиња и излегува на површината преку ситни дупки. Тие мали дупки се всушност порите. Порите имаат важна улога на намалување на телесната температура, како и при исфрлање на штетните материи од Вашето тело.

Постојат неколку причини за појава на акни и останати слични кожни иритации, а најголем дел од нив се должат на некаков вид затнување на порите.

Лојните жлезди произведуваат себум – природни маснотии кои ја негуваат кожата, одржувајќи ја хидрирана и мека. Но, за жал, некогаш тие лојни жлезди можат да бидат прекумерно активни и како резултат на тоа произведуваат премногу маснотии. Тоа пак, ги спречува мртвите кожни клетки да отпаднат и наместо да се регенерираат, мртвите кожни клетки се “групираат”. Ова може да е причина и за затнување на фоликулите од влакната, како идеално место за таложење на маснотии и мртви кожни клетки, кои предизвикуваат акни и воспаленија.

Природната влажност на кожата како и телесната температура, се идеални услови за размножување на бактерии и габички. Па затоа, бактериите на кожата се размножуваат побрзо, затнувајќи ги порите. Кога бактериите ќе дојдат во контакт со кислород, тие оксидираат и изгледаат кафени – предизвикувајќи ги познатите и досадни “црнки”.

Прекумерното миење на лицето (особено со козметика која што е груба, како ексфолијанти) исто така може да е причина за затнување на порите, бидејќи се отстрануваат природните маснотии од кожата. Тоа е сигнал за кожата да почне да произведува повеќе маснотии и тоа е еден циклус кој никогаш не завршува.

Освен хигиената, од голема важност е овозможувањето на кожата да “дише”, што е и главната причина зошто правилното чистење на лицето навечер е неопходно. Во услови на пандемија, кога носите маска често (а особено доколку користите шминка), шансите дека порите ќе се затнат се големи, поради таложењето на нечистотии на кожата и потенцијалното размножување на бактериите.

КАКО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ВЛИЈАЕ НА КОЖАТА?

Загадувањето на воздухот влијае врз нашата околина и претставува растечка закана за човечкото здравје воопшто. Тоа е широко распространето како во урбаните, така и во руралните средини. Ефектите кои загадувањето ги има врз дишните органи, срцето и крвните садови се веќе добро познати, но неговото влијание врз кожата не е до крај добро проучено.

Кожата и косата се едни од главните таргети на загадувањето, кое допира до површинските и подлабоките нивни слоеви преку транскутани и системски патишта. Инхалираните или проголтани загадувачи може да се распространат низ целото тело преку циркулацијата, вклучително и кожата.

Загадувачите може да го активираат кожниот метаболизам и воспалителните патишта, како и да предизвикаат оксидативен стрес преку намалување на антиоксидансите. Кожата дополнително е таргет и на другиот најпознат извор на оксидативен стрес, УВ зрачењето. На овој начин, загадувањето придонесува за побрзо стареење на кожата, најчесто со појава на брчки. Живеењето во загадена животна средина може да ја намали влажноста на кожата, да ја зголеми секрецијата на лојните жлезди и да ги засили симптомите на хронични воспалителни кожни болести кај деца и возрасни.